На традиционалната годишна изложба ДЛУМ ќе ги додели и еснафските награди: "Нерешки мајстори", "Лазар Личеноски", "Петар Мазев", "Јордан Грабул", "Димче Николов" и "Димитар Кондовски"
Традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, по 55-ти пат, ќе се отвори вечерва (19 ч.) во Музејот на град Скопје.
Изложбата е замислена како пресек на случувањата на ликовен план во годинава. Ќе бидат претставени дела на 108 ликовни уметници од различни генерации и со различни тематски определби. ДЛУМ ќе ги додели и традиционалните еснафски награди на своите членови.
Наградата Нерешки мајстори" за сликарство (златна плакета по идејно решение на академскиот скулптор Александар Ивановски Карадаре) ја доби академскиот сликар Павле Кузмановски. Наградата Нерешки мајстори" за скулптура ја доби Симеон Арнаудов.
Наградата Лазар Личеноски" за сликарство ја доби Ангеле Гавровски, добитник на наградата Петар Мазев" е Слободан Вигњевиќ, наградата Јордан Грабул" ја добива Нела Стојчевска, Димитар Кондовски" и се доделува на Маријета Сидовски, а "Димче Николов" на Бурхан Ахмети.
Годишната изложба на ДЛУМ ќе биде отворена со пригоден говор на писателот Александар Прокопиев.