ФЕСТИВАЛ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
Отворање на „Синедејс“ со канскиот победник „Клас“
Под мотото „Гледајте филм!“ во скопските кина „Фросина“ и „Милениум“ од вечерва до 19 декември ќе се одржи фестивалот на европскиот филм „Синедејс“. Францускиот „Клас“ на Лорен Канте, кој победи на Канскиот филмски фестивал годинава, ќе ја одмота фестивалската лента вечерва, во 20.30 часот, во „Фросина“. На отворањето ќе присуствува продуцентот на филмот Оливие Паские. Фестивалот ќе го отвори еврокомесарот Ерван Фуере.
Публиката ќе може да проследи дваесетина наслови од 17 кинематографии. Десетмина автори ќе дојдат во Скопје за да ги промовираат своите дела. Филмовите се поделени во три програми, главна во која влегоа 12 наслови, ревијална во која ќе биде промовирана холандската кинематографија, „Балкан линк“ и неколку филмови во гала-премиери. Селекцијата на филмовите ја направи Лабина Митевска. Таа најавува исклучителна програма.
- Не би можела да потенцирам некој наслов, но многу се радувам што иако до последен момент беше неизвесно како ќе се реализира фестивалот, имаме одлични остварувања. Имаме филмови на автори со специфичен стил, интересни приказни, секој е избран поради некаква своја особеност. Сите од нив учествуваа на големи фестивали и ги освојуваа главните награди. Речиси сите филмови се кандидати за „Оскар“ на земјата од каде што доаѓаат - рече Митевска.
За награди ќе се натпреваруваат британскиот филм „Глад“, рускиот „Русалка“, турските „Пандорината кутија“ и „Летна книга“, белгискиот „Москва-Белгија“, словенечкиот „Слепа љубов“, белгиско-француската копродукција „Елдорадо“, чешкиот „Карамазови“, грчкиот „Исправка“ и германскиот филм „Абсурдистан“, во кој игра и нашиот актер Илко Стефановски.
Селекцијата на холандските филмови ја направи хрватската филмска критичарка и сценаристка Рада Шешиќ, која нема да дојде во Скопје. Од „Јавна соба“ кои се организатори на ревијата, велат дека ова е добра можност за македонската публика да се запознае со „релативно за нас непознатата холандска кинематографија“.
Организаторите најавија десетмина гости на фестивалот. Директорот на Младинскиот културен центар Борче Момироски вели дека за наредното издание на фестивалот очекува поголема поддршка од државата за фестивалот. Годинава, Министерството за култура даде 500.000 денари, а Европската комисија и годинава даде 5.000 евра (307.500 денари).