„Блендот на острина, строгост и рапсодичност во исто време, соединети со живите идеи што ги извлекува од музика што ја изведува го идентификуваат овој виолинист како голем виртуоз, кој интелигентно и со софистициран сензибилитет ги изразува своите изведувачки квалитети“, напиша рецензентот на „Дејли телеграф“ за рускиот виолинист Иља Гринголц, кој вечерва ќе настапи како солист со оркестарот на Македонската филхармонија.
Рускиот виолинист Иља Гринголц, еден од дванаесетте уметници избрани од Би-би-си како уметници од новата генерација, пред македонската публика ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар оп. 14 од Семјуел Барбер, кој ќе се изведе за првпат кај нас.
Со оркестарот ќе диригира Борјан Цанев, а на програмата се и увертирата од операта „Мајстори пејачи“ од Вагнер и Шестата симфонија од Чајковски.
Иља Гринголц учел виолина и композиција на Санктпетербуршката специјална музичка школа со Татјана Либерова и Џина Металиди и на престижната музичка школа „Џулијард“ во Њујорк со Исак Перлман и со покојната Дороти Дилеј. Како победник на интернационалниот натпревар за виолина „Премио Паганини“ во 1998 година, на Иља Гринголц му се доделени две специјални награди: за најмлад натпреварувач што се пласирал во финалето на натпреварот и за најдобар интерпретатор на Капричата од Паганини.
Настапува со камерниот оркестар „Малер“ на познатиот диригент Клаудио Абадо, настапи со „Хале оркестарот“, а го очекуваат настапи со симфонискиот оркестар „Борнмут“, Германскиот симфониски оркестар од Берлин, Шкотската симфонија на Би-би-си, Филхармонијата во Стразбур, турнеја во Шкотска со Шкотскиот камерен оркестар и др.
Како ексклузивец на продукциската куќа „Дојче грамофон“ во 2007 година го сними Бетовеновиот трипл-концерт со младинскиот оркестар „Симон Боливар“ од Венецуела под диригентската палка на Клаудио Абадо, а за неговото цеде со камерна музика на Танејев е награден од престижното музичко списание „Грамофон“. Неговата дискографија вклучува три цедиња за „Дојче грамофон“, а од неодамна соработува и со издавачката куќа „Хајперион“ за која неодамна ги сними виолинските концерти на Танејев и Аренски со шкотскиот оркестар на Би-би-си.
А.Д.