На концертот со кој ќе диригира маестро Андреј Андреев од Бугарија ќе настапи и обоистот Васил Атанасов
Лилјана Митевска
По повод големиот христијански празник Божик, во четврток, во 20 часот, во Домот на АРМ, ќе се одржи традиционалниот Божикен концерт на Камерниот оркестар „Скопски солисти“, на кој ќе настапат примадоната на македонската опера, сопранот Весна Гиновска-Илкова и познатиот обоист Васил Атанасов, под диригентско водство на маестро Андреј Андреев од Бугарија. На програмата се дела од Бах, Моцарт, Елгар, Гргин и Бернштајн.
„Ќе имаме убава празнична програма. Со маестро Андреев се одлучивме за програма во која ќе бидат вклучени атрактивни дела кои се приемчиви за публиката, но секогаш стилски различни. Застапени се дела од барокот па се' до современата музичка литература, со истакнато чувство и респект кон македонското музичко творештво. Во оваа насока, годинава за прв пат кај нас ќе го изведеме делото „Билјана“ од хрватскиот автор Гргин, како и три други дела од Моцарт и од Бернштајн кои ќе имаат премиерна изведба во Македонија.... Целта на овој концерт е големиот христијански празник Божиќ да биде празник во потполна смисла на зборот“, вели обоистот Васил Атанасов, кој истовремено е и уметнички раководител на ансамблот „Скопски солисти“.
Камерниот оркестар „Скопски солисти“ на македонската сцена се појави во 2000 година, по примерот на софиските, загрепските и други слични оркестри на Балканот. Оркестарот е формиран од група афирмирани и признати македонски музички уметници, на кои им се придружија група млади, но мошне талентирани музичари. Досега оркестарот има соработувано со најпознатите македонски репродуктивни уметници како: Борис Трајанов, Симон Трпчески, Благој Нацоски, Славица Петровска – Галиќ, Олег Контраденко, Катерина Костадиновска – Гелебешева и други.
Кога станува збор за македонската примадона Весна Гиновска -Илкова, може се каже дека таа суверено владее на македонската оперска сцена уште од 1996 година, кога дебитираше на сцената на МОБ, во улогата на Микаела, во операта „Кармен“. Меѓународното деби го доживува истата година во Софија, во улогата на Елизабета во операта „Дон Карло“. Нејзиното портфолио брои голем број остварени улоги, не само на сцената во Македонија, туку и во Бугарија, Данска, Русија, Италија, Хрватска, Словенија, Германија и Австрија.
Нашиот реномиран обоист Васил Атанасов има богат концертен репертоар. Тој е солист во Македонската филхармонија, главен иницијатор и водач на Скопскиот дувачки квинтет, основач на триото „Мацедонико“ и на „Скопски солисти“. Покрај настапите во земјава, досега имал концерти и во повеќе европски земји како: Италија, Шведска, Кипар, Португалија, Франција и други.
Маестро Андреј Андреев кој едно време беше и шеф диригент на Македонската филхармонија, има богат музички репертоар, како оперски така и симфониски. Наградуван е за хорско и симфониско диригирање и високи уметнички достигања.