Во четврток, 28 мај 2009 година, со почеток во 20.30 часот, во Националната галерија на Македонија, објект-мултимедијален центар Мала станица, ќе се отвори изложбата на уметницата Моника Десоска. Десоска по втор пат се претставува во Националната галерија на Македонија. Нејзиното прво претставување беше во 2004 година, во објектот Чифте амам а насловот на проектот беше Трчање во круг - видео инсталација.
Последниов проектот е насловен Повеќедимензионални светови и претставува светлосна инсталација во затворен простор, составена од материјални објекти, светлосни ефекти кои даваат други димензии, исполнети со пулсирачкиот принцип на човекот и пулсирањето на вселената. Преку патувањата што човекот ќе ги направи во иднината, ќе ги види, чуе, почувствува, осознае новите непознати повеќедимензионални светови, како што е и самиот тој, повеќедимензионално битие со своите бескрајни можности. Инсталацијата се состои од објекти кои се поставени во еден од галериските простори на мултимедијалниот центар Мала станица, а се осветлени со спот светла од подот, притоа создавајќи еден интересен свет на “кохабитација”.
Моника Десоска е родена 1973 во Прилеп. Дипломирала 1997 на ФЛУ во Скопје. Во 2002 година е добитник на наградата „Љубомир Белогаски”, за успешна изложба за проектот „Простор” реализиран во 2001 година во Музејот на град Скопје, Скопје. Селектирани самостојни изложби: 2006, Минијатури „Работилница”, Белград, Србија; 2003 Видео инсталација, Културен центар, Анталија, Турција; 2002 Перформанс, Музеј на современата уметност, Скопје и многу други. Учествувала на голем број групни изложби во земјата и во странство.
Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА
НА МАКЕДОНИЈА