Педесетина документарни и краткометражни филмови од повеќе земји од Европа, Америка и Азија ќе се прикажат во седум категории, од денеска до 31 мај, во Струмица, на петтиот фестивалот "Астерефест".
Ќе бидат доделени традиционалните награди златна, сребрена, и бронзена потковица за најдобрите три документарни филмови. Во оваа категорија, покрај филмови од Холандија, Босна и Херцеговина, Германија, Франција, Чешка, Грција, Израел и Косово, во официјална конкуренција се и македонските филмови "Вода и оган" на Киро Урдин и "Чедо" на Аљоша Симјановски.
Во категоријата "Мувиленд" годинава ќе се натпреваруваат филмови од српска продукција. Ќе бидат доделени и наградите за најуспешен светски краток игран филм, а тука се натпреварува и нашиот Ѓорче Ставрески со "На изгрејсонце".
Признанието "Астер" за високи достигнувања на полето на авторскиот филм ќе му се додели на познатиот бугарски режисер Рангел В'лчанов, а за таа пригода е предвиден и краток музички настап на Драган Даутовски.
Во чест на дојаенот на македонската филмска и телевизиска режија, за првпат ќе биде воведена и посебна награда "Ацо Алексов" за најуспешен македонски филмски автор.
На "Астер фест" во изминатите четири години беа прикажани над 300 документарни и краткометражни филмови од 70 земји.