Илинденски викенд со концерти и забави
Виртуозот Драган Даутовски утре во Античкиот театар во Охрид ќе го претстави проектот „Клуч“ кој вклучува изведба на композиции на стаклена окарина и кавал
Обожавателите на концерти, свирки и забави со електронска музика во следните три дена ги очекува богата програма во повеќето градови во Македонија, но во Охрид и Струга се закажани најголемите настани. Во двете најголеми летни туристички дестинации, во чест на Илинден, ќе се одржат фестивалите „Фонетика“ и „Охрид повикува“ и концерт на составот на Драган Даутовски.
Кирил Џајковски, „Суперхикс“ и квартетот на Георги Шарески и Џијан Емин се главните учесници на второто издание на летниот фестивал „Фонетика“, кое почнува вечерва во 20 часот на кампот „Ливадишта“ во Струга. Музичкиот настан, што годинава промовира само македонски артисти од повеќе музички жанрови, ќе трае 12 часа, а забавата ќе заврши в недела во 9 часот наутро. Свирките и диџеј-сетовите ќе се одржуваат на две посебни бини.
ЕЛЕКТРОНИКА И РОКЕНРОЛ
На првата, на самата плажа, ќе се претстави нашиот познат продуцент Кирил Џајковски. Ќе настапи со својот придружен оркестар „Серчук“ и неколку инструменталисти од познати македонски состави. Во првата половина на годинава Џајковски настапи во неколку европски градови. Пушташе музика на жур по финалето на Купот на УЕФА во Истанбул, имаше изведба во Порторож, во јуни го затвори фестивалот „Ин-мјузик“ во Загреб, гостуваше во Прага, а настапи и во земјава.
На истата бина на „Ливадишта“ ќе свири и најпознатиот ска-состав од Македонија, „Суперхикс“. Бендот во 2009 одбележува 15-годишнина од основањето. Во чест на роденденот членовите на групата имаа концерт во Скопје, пред неколку дена свиреа во Охрид на „Бич парк фестивал“, а во меѓувреме постојано настапуваат надвор од државава. На истата бина свој диџеј-сет ќе има Зоран Ристевски-Бејбе, а неговиот настап ќе биде дополнет со вокалот на поп-пејачката Тамара Тодевска.
Фестивалот има и џез-програма. Свое претставување ќе има квартетот на џезерите Георги Шарески и Џијан Емин. Најавени се и македонските диџеи: Самоил Радински, Марјан Стојановиќ - Маци, Томи Бојаџи, Игор Зотик, Александар Мишкоски, Флудер, Роботек и Мирко Попов. Во исто време на втората бина ќе настапи Гоце од „САФ“, „Легијата“ („СТР2“, „Грин аут“, „Против сите“), Ронин и реге-изведувачите Мастрафизам и Андреј Бартлинг.
ПРИКАЗНАТА НА ДАУТОВСКИ
„Драган Даутовски квартет“ утре во 22 часот ќе настапи во Античкиот театар во Охрид. Музичкиот виртуоз ќе го презентира проектот „Клуч“ кој вклучува изведба на композиции на стаклена окарина и кавал, со кои досега не настапувал, а специјално за настанот ги изработи Стевче Јовановски. Како што најави, Даутовски во Охрид пред публиката ќе ја раскаже својата лична приказна.Квартетот на Даутовски цела година ја мина работно и досега имаше и други успешни настапи во земјава и надвор од неа. Како увертира на утрешниот настап, минатиот месец тој го одржа концертот „Скришно место“ во Марков Манастир во Скопје. Во мај имаше чест да го отвори струмичкиот филмски фестивал „Астерфест“.
Претходно неговата музика ги одушеви и Германците. Со автентична изведба Даутовски беше дел од интернационалната манифестација „Музика медитеране“, што од април до мај се одржува во Минхен. Тамошната публика првпат се сретнаа со историскиот инструмент, окарината. По концертот во Охрид Даутовски активно ќе работи на новиот албум „Дома“, продолжение на култниот „Патот на сонцето“.