Струмица, 4 август (МИА) - Во организација на Секторот за ликовна и галериска дејност на Центарот за култура „Антон Панов“, од утре почнува годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија.
На 46-та сесија ќе учествуваат 16 сликари од Македонија и од странство, што е најмалку во досегашното постоење на оваа најстара ликовна манифестација во земјава.
- Колонијата ќе се одржи во стандардниот термин од 5 до 20 август и во неа ќе земат учество ликовни творци од Русија, Италија, Полска, Холандија, Турција, Србија, Црна Гора и од Македонија. Годинава по 17-ти пат ќе работи и Студиото за мозаик на професорот Газанфер Бајрам, а новина на годинашново издание е тоа што ќе бидат организирани поединечни видео презентации на творештвото на секој од учесниците на колонијата, изјави за МИА Бранко Пепиќ, раководител на Секторот за ликовна и галериска дејност во Струмица.
Покровители на Струмичката ликовна колонија се Министерството за култура и општина Струмица, а по традиција делата од годинашнава ликовна продукција премиерно ќе бидат изложени на 11 септември, Денот на ослободувањето на Струмица, а потоа и во други градови во земјава.ив/мд/12:40