ОТВОРЕНИ СВП
ПОРАКИ ЗА МИР
Со традиционалното читање на песната "Т'га за југ" пред Домот за поезијата во Струга и палењето на фестивалскиот оган, со концерт на маестро Симон Трпчески и со Меѓународното поетско читање "Поетски меридијани", завчеравечер беа отворени 48-те Струшки вечери на поезијата.
Во своето обраќање пред поетите и бројните љубители на поезијата министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека уметничките поетски креации посилно одекнуваат кога се доживуваат во амбиент, еднакво креативен како оној во кој се создавани.
- Поезијата можеби не може да го измени светот, но е моќен катализатор на општествената свест, на патот на рушење на бариерите кои не раздвојуваат. Доказ за ова е и учеството на осумдесет поети од сите континент, овде во Струга, рече Канческа - Милевска.
Традиционално на отварањето на СВП се одржа придружната манифестација "Ноќ без интерпункција" на која беше претставен сенегалскиот поет Усман Сар-Сарус, добитник на наградата Мостови за најдобра дебитантска книга. Вечерва, (20 ч) во катедралната црква "Св. Софија" во Охрид, поетот Богомил Ѓузел ќе го претстави творештвото на добитникот на "Златниот венец" Томаж Шаламун.