Почитувани, сакаме да Ве известиме дека во четврток, 1 октомври 2009 година, во 20.00 часот, во просториите на Националната галерија на Македонија- објект Даут-пашин амам ќе биде свечено отворена ретроспективната изложба: 60 години творештво, на доајенот на македонското сликарство Трајче Јанчевски.
Трајче Јанчевски е роден на 29 јануари 1928 година, во Куманово. Дипломирал на Академијата за применета уметност и сценографија во Белград, 1954 година. Специјализирал 1964-65 во Париз. Активно се занимава со творечка дејност (сликарство, кукларство, сценографија) веќе 60 години и со оваа изложба воедно се одбележува тој јубилеј. Од 1979 година е член на ИАА АИАП УНЕСКО, а добитник е на повеќе значајни награди и признанија, домашни и меѓународни, меѓу кои издвојуваме неколку меѓународни: 1965/66, трета награда на Интернационалната изложба на современа уметност во Њу Делхи (изложувал заедно со Пикасо, Шагал, Миро, Руо, Брак, Леже, Поликов и други); 1998, златен медал за француска заслуга и посветеност во име на уметноста и културата, доделен од Академијата за ликовна дејност и култура за Централна Европа во Париз и е прогласен за член на таа академија; 2002, Американскиот биографски институт го прогласува за еден од големите умови на 21-от век, во кои се вклучени 1000 личности од светот, меѓу кои Алберт Ајнштајн, Марк Твен, Мартин Лутер Кинг, Далај Лама, Џон Кенеди и др. како дел од “Милениумската временска капсула”; 2005, ИБЦ, Кембриџ, Англија, го одбираат меѓу “Топ 100 уметници” во доменот на сликарството; 2007, златен медал од Американскиот биографски институт за Р. Македонија и на македонскиот народ и голем број други награди и признанија. За него пишувано е во многу изданија и книги, меѓу кои најзначајни за напомена се: Издавачката куќа “Монд” од Париз го претставува во едицијата “Мајстори и уметници од светот на 20-от век” и печати поштенски картички со неговото дело (1992); едицијата “ Њхо ис њхо” (1994/1995), Издавачката куќа “Монд” од Париз го претставува во едицијата “Златна книга на колекционери и љубители на уметност” со делото “Птичји ритуал” (1993); едицијата “Њхо ис њхо” го одбира за еден од светските уметници чие дело ќе биде печатено во специјални авторски изданија на поштенски марки, депонирани во поштенски музеи (1996/7) и многу други.
Овој јубилеј ќе биде одбележан со ретроспективна изложба која ќе се состои од над 150 дела (слики и акварели) од сите развојни фази на неговото творештво, а по тој повод ќе биде отпечатен и луксузен монографски каталог. Изложбата ќе биде отворена за јавост до 31 октомври.
Со почит,
Национална галерија на Македонија
Маја Крстевска, директор