Торонто, 17 октомври (МИА) - Со светската премиера на документарниот филм „Името е име” синоќа во Торонто беше отворен четвртиот Македонски филмски фестивал што се одржува во знакот на одбележувањето на 100-годишнината на филмот во Македонија.
Филмот „Името е име” остави силен впечаток на присутните - најголем дел од нив Македонски иселеници. По прикажувањето беше претставен продуцентот Џејсон Мико кој одговараше на повеќе прашања на присутните.
Станува збор за документарен филм што трае 50 минути, сценариото е на Норвежанецот Сигурјон Ејнарсон и на Џејсон Мико, познат и докажан пријател на Македонија. Преку нарација и непосредни контакти/разговори со луѓе во Македонија, најчесто по случаен избор, Сигурјон Ејнарсон на фин и ненаметлив начин се обидува да понуди одговор на прашањето за името и општ беше впечатокот дека тоа многу вешто му успева. Во филмот е поместен и разговорот на Ејнарсон со премиерот на Македонија Никола Груевски.
Овој документарец повторно ќе се имитува и во недела кога завршува Македонскиот филмски фестивал во Торонто.
Во текот на четирите дена колку што трае фестивалот ќе бидат изведени 12 долгометражни и документарни филмови меѓу кои и филмот „Црвениот коњ” и „Џипси Маџик” од Столе Попов.гв/са/9:46