Музејот на Град Скопје вечерва (20 ч.), ќе ја отвори изложбата на фотографии на Лазо Величковски (1920-1997), фотограф чии дела според организаторите се "неоправдано заборавени". Изложбата се состои од 42 фотоси настанати во периодот 1955-1970. Тој е еден од профилаторите на т.н. клупска или уметничка фотографија кај нас, чиј зачеток е од почетокот на 50-тите години на минатиот век.
Инаку, Величковски со фотографија се занимава од своја 17. година а во 50-тите години членува во фотографските клубови во Велес и Скопје, активно создавајќи фотографии од тогашниот уметнички и не само таков живот. Неговите фотографии го дефинираат модерниот сензибилитет на фотографска практика и ја профилираат визуелната проекција на младата држава и нација како препознатлив арсенал на амбиентални глетки (природа, пејзаж, етнографски физури, физиогномски портретни особености, рурални и урбани жанровски куриозитет и сл.).