Дваесетина фотографии од нашите цркви и манастири и уште 11 стари ракописи од периодот од 11 до 17 век две недели ќе бидат поставени во главната библиотека на областа Лигурија
Културното богатство од нашето средновековие ќе биде претставено во Џенова, каде што на 5 декември ќе биде отворена изложба со фотографии од нашите цркви и манастири, како и стари ракописи што потекнуваат од 13 до 17 век. Изложбата ќе биде поставена во главната регионална библиотека во Џенова, а ја организира невладината организација „Македонида“, со Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и со италијанската асоцијација на уметници „Ари дел Темпо“.
Ќе бидат поставени повеќе фотографии од црквата „Св. Софија“, од манастирскиот комплекс Трескавец, од малите цркви низ Охрид, од цркви од околината на Скопје. Автор на фотографиите е Панче Велков, од „Македонида“. Во делот со ракописите ќе бидат поставени копии од повеќе средновековни текстови што се дел од збирката на НУБ. Според организаторите, изложбата е можност да се покаже македонското средновековие во Џенова, која се смета за европски центар за конзервација на древното наследство.
ПОПОЛНУВАЊЕ ПРАЗНИНИ
Како што истакнуваат од „Македонида“, нашите цркви, манастири, ракописи од средниот век се делот од историјата што е најинтересен за презентација во западноевропските земји.
- Македонските цркви и манастири се нешто најзначајно, највредно што може Македонија да го понуди и покаже во светот. Археологијата или римскиот период Италијанците веќе го имаат кај себе. Но, црквите, манастирите, византискиот период е тоа што им е интересно и прималиво за истражување и гледање. Кај нас имаме истражувања за периодот околу 19 век, како и за антиката, но што е со периодот измеѓу. Тој период е многу битен за нас, многу ни е близок, а малку се истражува. Со овој проект, се обидуваме да ги пополниме празнините за кои сметаме дека се на некој начин запоставени - вели Велков.
На изложбата ќе бидат поставени дваесетина фотографии од црквите и манастирите и копии од 11 зачувани ракописи со црковни содржини. Според Велков, со изложбата ќе се прикаже како функционира нашето живо културно наследство, на тамошната јавност ќе и' биде овозможено да види како изгледаат денеска нашите храмови, како и ракописите што во тој период се создавале таму и кои биле дел од процесите на ширењето на христијанството и писменоста.
ПОЧНУВАЊЕ СОРАБОТКА
Од „Македонида“ истакнуваат дека со овој проект, во кој е вклучена и НУБ, се отвораат врати за поблиски соработки на нашите национални институции со слични институции од други земји.
- Идејата на овој проект е да се мобилизираат и големите културни институции од Македонија и да почнат соработка со слични институции од странство. Во овој период на евроинтеграции, кога се отвораат европските фондови, неопходна е поголема координација меѓу невладините организации и националните институции, за полесно да дојдеме до отворени врати за наше презентирање надвор - истакнува Велков.
Од НУБ се надеваат дека изложбата е почеток на значајна соработка со библиотеката од Џенова, во чии рамки постои еден од најдобрите конзерваторски центри во европските земји.
- Оваа изложба е шанса во еден значаен центар на европската култура да го покажеме вредното културно наследство што го имаме во нашите библиотечни збирки. Старите ракописи од НУБ се белег за нашиот културен развој и постоење и среќни сме што ќе имаме шанса директно да ги изложиме во Џенова. Ова гостување таму ќе ни биде можност да воспоставиме соработка со библиотеката од Џенова и да преземеме искуство од нив за заштитата на пишаното културно наследство - вели директорот на НУБ, Миле Бошески.
Изложбата се подготвува и за Рим
Фотографиите од нашите цркви и манастири две недели ќе бидат поставени во библиотеката „Берија“ во Џенова, што има редовни изложбени постановки. Во нејзините архиви има ракописи, фотографии, записи од вековниот развој на сета европска култура. Според организаторите, библиотеката се заинтересирала да соработува со НУБ на полето на конзервација на стари ракописи. На изложбата се очекува да присуствуваат и претставници од италијанската фондација ФАИ, кои даваат донации во областа на културното наследство.
Од Фондацијата веќе се заинтересирале да организираат патување за посета на нашите културно-историски споменици. Според Велков, постојат можности истата изложба да биде прикажана во мај в година, во рамките на традиционалното чествување на Св. Кирил во Рим. Од Националниот институт за средновековна историја на Италија, веќе покажале интерес фотографиите и ракописите од нашето средновековие да бидат поставени во нивните простории во Рим.
Извор: Дневник, 2 декември 2009