На изложбата, која ќе биде отворена в понеделник, (19 часот), љубителите на уметноста ќе имаат можност да видат 20 дела, слики и цртежи кои претставуваат авторски избор на големиот македонски уметник Глигор Чемерски
Во новоотворената галерија "Око" лоцирана на улицата Македонија, љубителите на уметноста в понеделник (19 часот) ќе имаат можност да проследат уште една импресивна изложба, овојпат на познатиот македонски уметник Глигор Чемерски. На отворањето на изложбата која ќе трае до 25 февруари и на која ќе присуствува и самиот уметник, ќе бидат изложени 20 дела, слики и цртежи кои претставуваат негов авторски избор. Се работи за дела на Чемерски од повеќе циклуси, меѓу кои "Големото оро", "Св..Ѓорѓија и ламјата", "Хераклеа", "Мојата антика", "Ева -есенска јаболкница", "Големата пловидба" и "Студии за мозаикот во Кабинетот на претседателот на Република Македонија".
Како што дознаваме, оваа изложба на Чемерски во Скопје се случува по двегодишна пауза, а претставувањето во галеријата "Око" авторот го смета за еден вид увертира за неговата ретроспективна изложба која треба да се случи во мај.
Уметникот Глигор Чемерски е сликар, графичар и мозаичар и еден од најзначајните современи македонски уметници, инспириран од експресионизмот и православните икони. Роден е во 1940 година во Кавадарци, а своето уметничко образование го стекнал во Скопје, Белград и во Париз. Отварил повеќе монументални дела во Скопје, Вруток, Кавадарци....Споменикот на слободата во Кочани вклучува мозаични фризови од 320 метри квадратни, а изработил и мозаици во Стопанската банка (1971).
Инаку, галеријата "Око" чие отварање минатиот месец беше проследено со голем интерес од страна на јавноста, своето присуство во уметничкиот живот на градот го започна со изложбата на уметникот Коле Манев. Во иднина следат и изложбите на Сергеј Андреевски, Стефан Хаџиниколов, Владимир Георгиевски... Во постојаната поставка на галеријата, пак, се наоѓаат и делата на доајените на македонската ликовна уметност Мартиновски, Личеноски, Пандилов, Белогаски...
(Д.Т.)
Извор: Вечер