Осумнаесет филма од европската кинематографија, снимени во последните неколку години, од денеска до 9 мај ќе бидат прикажани во Кинотека на Македонија на ревијата под наслов Денови на европски филм. Во рамките на овој циклус премиерно ќе бидат прикажани три играни филма.
Свеченото отворање на ревијата ќе биде вечерва во 20 часот со филмот „Јас, Дон Џовани“ на режисерот Карлос Саура, кој го отвори и годинашниот Скопски филмски фестивал. Два часа порано ќе биде прикажан шпанскиот филм „Несвесно“ во режија на Хоаким Ористрел.
Утре на програмата се три филма во термините од 17, 19 и 21 часот. Прв ќе биде прикажан португалскиот „Дот.ком“, а по него францускиот „Љубовта на Астреа и Селадон“ во режија на Ерик Ромер. Последен ќе игра „Кустос и риба“ на режисерот Абдел Кешиш.
До крајот на ревијата ќе може да се проследат и канскиот лауреат „Белата панделка“, италијанскиот „Победа“ на режисерот Марко Белокио и белгискиот „Дволичност“. Задутре во 17 часот ќе биде прикажана и македонско-чешката копродукција „Филм“ во режија на Иво Трајков.