На 28 април 2010 (среда), во 19.00 часот, во организација на Националната галерија на Македонија, во Уметничката галерија Безистен - Штип при Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Штип, ќе се отвори Јубилејна изложба - 150 години од раѓањето на последниот македонски зограф и прв сликар на профано сликарство во Македонија, Димитар Андонов Папрадишки.
Димитар Андонов Папрадишки е најзначајната личност во македонското сликарство, кој кон крајот на 19 век го направи историскиот пресврт во македонското сликарство, поврзувајќи ги последните нишки од религиозното сликарство со првите обиди за профано сликарство. Роден е 1859 година во велешкото село Папрадиште. Во 1884/5 ја завршува Художествената иконографска школа во Киев. Со неговата појава започнува процесот на бавно запоставување на естетиката на традиционалното византиско и поствизантиско сликарство и “европеизирање” на црковната уметност во се уште конзервативните црковни средини.
На изложбата ќе бидат претставени четириесеттина слики од сите развојни фази на неговото творештво, сопственост на Националната галерија на Македонија, Музејот на град Скопје, Музеј на Македонија и приватни колекции. Изложбата ќе биде отворена до 5 мај 2010 година. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.
Со почит,
Национална галерија на Македонија