На 13 мај 2010 година (четврток), во 20.30 часот во Националната галерија на Македонија, во просториите на Мултимедијалниот центар Мала станица ќе се отвори изложбата “Нечии приказни” на Емилија Лазаревска.
Цртежите на Лазаревска се жизнерадосни рурални пејзажи, во кои старата селска архитектура добила ново руво, бајковен лик, весела наративност, живост, пулсација. Сето она што навидум недостасувало во сомнабулните разрушени згради во малите напуштени рурални средини, овде, во делата на Еми како да е надополнето, разубавено, оживеано, ведро, детски разиграно, трепетливо, жовијално, интуитивно. Цртежите, работени во комбинирана техника, бликаат со светлина и оддишуваат со колористичка оркестрација, палетата е интензивна, а графичката стилистика изразува лапидарно обработени детали, постигнати со формална чистина. Инфантилната димензија, постигната со пиктуралните констелации, нагласениот графицизам и линеарност, идејната ориентација и флуидното артикулирање на рудиментираните знаци, минуциозно обработените детали, естетизацијата на објектите, амблематичноста, кропирањето на одредени “декоративни” сегменти и многу други елементи, се еден од клучните алгоритмични аспекти во ефемерниот идеен ентитет на Лазаревска.
Вичноста на Лазаревска во користењето на техниките и во нивната “манипулација” за постигнување на посакуваниот ефект, изборот на тематот кој слободно може да се сфати и како условен ангажман, критика, став, желба, однос кон “огништето”, старото, археологијата, раководењето со елементите за визуелна експресија со исклучително префинет однос кон создавање на дела кои постигнуваат естетска доживеалица, па и содржат широко допадлива космогонија, укажуваат на фактот дека пред нас имаме уметница која и во иднина ќе предизвикува нови сензитивни доживеалици.
Емилија Лазаревска е родена во Скопје 1977 година, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, Скопје, оддел графика со графички дизајн 2002 година. Учествувала на повеќе групни изложби и колонии и во 2007 година ја освојува наградата Драгутин Аврамовски - Гуте, Во склоп на Македонско ликовно творештво во мал формат - КИЦ.
Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА