Веќе е заокружена програмата за претстојното, шесто издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест кој ќе се одржи од 27 до 31 мај во Струмица, под мотото “евроатлантски филмски патоказ”. Иако буџетски се движи во слични рамки како и претходната година, овојпат има значителен исчекор во поглед на странските гости кои го потврдија своето присуство од повеќе европски држави. На самото отворање ќе му биде врачена плакетата Астер за високи достигнувања во полето на авторскиот филм на шпанскиот режисер и сценарист Мигел Ермосо роден 1946 во Гранада. Некои од филмските дела на Ермосо се краткиот филм “Дивиот Том”, долгометражните играни “Измамници”, “Бегалци”, “Чудесна светлина”, “Како молња”, “Лола” и документарецот “Нашите деца” во омнибусот од 25 светски режисери “Визиите на Европа”. Ермосо има плодно телевизиско и писателско искуство, добивал бројни авторски награди на фестивалите во Тулуз, Москва, Мајами, неговите филмови се одликувани со Гоја наградите и со признанија од Шпанската филмска асоцијација, а соработувал со актерите Нино Манфреди, Лаја Марул и Франциско Рабал.
Исто така, од страна на Тивериополската филмска алијанса и Астерфест ќе му биде врачено почесното признание за режисерска поетика на познатиот балкански режисер и педагог Боро Драшковиќ кој на 29 мај, токму во Струмица ќе полни 75 години. На фестивалот оваа година се очекува уште ден специјален гостин, популарниот хрватски актер Жарко Радиќ, кој добива специјално признание за придонес во филмската, ТВ и драмската уметност во ЈИЕ. Куриозитет е тоа што Радиќ во 1975 престојувал во Струмица на отслужување на воената обврска, а потоа ја игра главната улога во македонскиот филм “Пресуда”.
Вкупно ќе има проекции на близу 50 филмски наслови. Што се однесува до компетитивниот дел, како и лани, ќе има десет документарци кои меѓународното жири ќе ги оценува за Златна, Сребрена, Бронзена Потковица и за Старозлатен проектор. Во оваа главна селекција влегоа филмовите: швајцарскиот “Звукот по луњата” на Патрик Сергел, Рајан Фенсон-Худ и Свен О. Хил, грчкиот “Шеќерен град – ден потоа” на Кимон Цакирис, македонскиот “Погледни го животот низ моите очи” на Марија Џиџева, српскиот “Догледање, како сте” на Борис Митиќ, рускиот “Провинција 35х45” на Евгениј Соломин, американско-германскиот “Битка за реката” на Бен Кемпас, данскиот “Албертовата зима” на Андреас Коефоед, германскиот “Девојчето што бере тутун” на нашата Билјана Гарванлиева, македонскиот “Волшебниот рид” на Петар Џуровски и англискиот “Куќа 149”. Кратки играни филмови кои ќе се натпреваруваат за единствената награда за најдобар краток филм се: шпанскиот “Пабло”, хрватскиот “Проби”, британскиот “Возач”, канадскиот “Ден пред вчера”, шведскиот “Сакано дете”, германскиот “Вавилон 2084”, италијанскиот “Никогаш така близу”, францускиот “Разгледница”, бугарскиот “Фугата” и нашите “Фереџето на среќата” на Гоце Цветановски и премиерниот “Крајот на светот” на Јани Бојаџи. Ќе има и нов блок на анимирани филмови за што првпат ќе се додели и награда, а категоријата Мувиленд оваа година е резервирана за Словенија. Планиран е блок кратки филмови од Шведска насловен како “Шведски бисери” со претставникот Даниел Виртберг, ќе има филмска посвета на еден од најнаградуваните помлади италијански режисери Андреа Лодовичети, а ќе се одржат и уште многу други ревијални проекции. Исто така, во рамките на фестивалот ќе се одржат капиталниот симпозиум “Кинематографските проблесоци во Струмичко”, како и интензивниот воркшоп за правење документарци со размена на меѓународни искуства и погледи кон оваа проблематика.
Како освежување во програмските секции, планирано е и прикажување на најгледаниот црногорски филм “Гледај ме” на режисерката Марија Перовиќ, а во чест на наградените ќе биде прикажан “Бегалци” на Мигел Ермосо.
Ќе се промовира и двојазичната монографска брошура “Астерфест – 5 години потоа”, како и ДВД изданието со 5 кратки филмови прикажани на Астерфест.
Фестивалот свечено ќе се отвори на 27 мај во 20,00 час. во Домот на АРМ, а сите други петдневни фестивалски проекции ќе се одвиваат во НУЦК Антон Панов. На 29 мај е планиран традиционалниот настан во Манастирот Св. Пресвета Богородица во Вељуса насловен како Астер и Тивериополски беседи, а гостите ќе ги посетат и Цареви кули.
Покровители на фестивалот се Министерството за култура на РМ и Собранието на Општина Струмица, а оваа година фестивалот е поддржан и од Делегацијата на Европската унија.
Традиционални партнери во реализацијата на Астерфест се Кинотеката на Македонија, Струмичкиот Музеј и НУЦК Антон Панов, а доаѓањето на гостите е потпомогнато од Амбасадите на Шпанија, Шведска, Холандија и Словенија.