Скопје, 5 јуни мај (МИА) - Музички концерти, перформанси на акробати и жонглери и проекција на филмови, се дел од годинашното „РеОткривање на патеката на културата“, што ќе почне вечерва, пред споменикот на Скендербег, а ќе продолжи во Старата скопска чаршија.
Движењето ќе ги опфати културните институции сместени во Чаршијата, Капан Ан, Чифте Амам, Сули Ан, Куршумли Ан, а дел од активностите ќе се одржат и пред црквата „Св. Спас“.
Годинава манифестацијата се случува во соработка со фестивалите Баскер фест, Оффест и со првиот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“. Организатор на „РеОткривање на патеката на културата“ е Меѓународната менаџмент група - ИМГ, која имплементира активности во образованието и културата, финансирани од италијанската Влада.
Според програмата, документарни филмови ќе се прикажуваат во Куршумли ан, од 21 до 22 часот и 30 минути, во Сули ан е предвиден настап на „Распеани скопјани“ и на истото место е возобновата на поставката на Музејот на старата чаршија. Главен настан е концертот на Кирил Џајковски со Серџук оркестар и со Рас Твид што ќе се одржи пред платото на Музејот на Македонија.
„РеОткривање на патеката на културата“ првпат се одржа лани. мд/лв/8:59