ВО СТРУГА
Македонски духовни конаци
Камбаните на храмот "Свети Ѓорѓија" во Струга, утре во 11 часот ќе го означат почетокот на 12. по ред манифестација "Македонски духовни конаци" на истоимената Меѓународна асоцијација за културни дејности. Во рамките на програмата ќе биде промовиран гласникот на "Македонски духовни конаци" - "Портал", кој овој пат е посветен на Руското монаштво во Македонија во 20. век, а ќе бидат доделени и традиционалните награди. "Веља Кутија" ќе му биде врачена на писателот Ристо Лазаров за "Избрани дела", а наградата "Духовен Воин" на академикот Божин Павловски.
Оваа награда, исто така, редовно се доделува и на личност од светот со потврдени високи вредности и континуирана заложба за презентација и афирмација на македонското творештво и македонскиот идентитет. Годинава за "Духовен Воин" е прогласена Јуми Накаџима, која предава македонски јазик на универзитетот во Токио, Јапонија. Традиционално ќе биде поставена и изложба - годинава од сликарот Рубенс Наум Македон, слики од циклусот "Танц на вечноста"!