В сабота вечер (28 август) со почеток во 21 час пред платото на Домот на АРМ во Струмица во рамките на манифестацијата Топол културен бран и во чест на празникот Голема Богородица на неконвенционален начин ќе биде прикажан циклус кратки филмови кои повеќето биле дел од програмата на фестивалот Астерфест. Заинтересираните граѓани, уличните минувачи, како и посетителите на паркот ќе можат да дојдат пред градскиот објект на Домот на АРМ и да ги погледнат кратките филмски дела МОЛИТВА на Стефан Шашков, ЃОРГИ РАСТЕ на Мартин Шмит, ГАРОТА на Фернандо Пинхеиро, ГО ЗАСТРЕЛАВ на Астрид Бусинк и Е-СВИЊИ на Петар Пашиќ. На оваа филмска вечер гостин ќе биде авторот Стефан Шашков кој во својот краток документарен филм сниман на неколку континенти успева на филмски начин да ја допре уметноста на молитвата. Организатор на овој настан е Тивериополската филмска алијанса, во соработка со струмичката Дирекција за култура и уметност.