Скопје, 14 октомври 2010 (МИА) - Во Галеријата на Остен во Скопје вечер ќе биде отворена 38-та Светска галерија на карикатури Скопје 2010.
Светската галерија на карикатури, на која годинава учествуваа околу 350 уметници со 750 карикатури од 51 држава од светот, ќе ја отвори претседателот на Друштвото на пистателите на Македонија, поетот Раде Силјан, годинашен добитник на државната награда „11-ти Октомври“, кој воедно и ќе им ги врачи наградите и признанијата на уметниците.
Гран При наградата за животно дело се состои од бронзена скулптура, 5000 долари и повелба на Остен. Првата награда е паричен износ од 1000 долари и повелба, а Специјалната награда се состои од специјална повелба на Остен.
Според одлуката на Меѓународната жири комисија на Светската галерија на карикатура Скопје 2010, годинашен добитник наградата Гран При за животно дело е македонскиот карикатурист Дарко Марковиќ. Прва награда за сатиричен цртеж доби Душан Лудвиг од Србија, Прва награда за стрип Афсун Азими Модхадам од Иран, а Прва награда за карикатура Божо Стефановиќ од Босна и Херцеговина.
Добитници на специјални награди се Костадин Устапетров од Македонија, Тошо Борковиќ од Србија, Стане Јагодиќ од Словенија, Масафуми Кикучи од Јапонија, Владимир Казаневски и Алексеј Михалушев од Украина, Ото Лотар од Германија, Григори Катц од Израел, Ангело Кампанер од Италија, Иван Харамија од Хрватска и Трајко Попов од Бугарија.гв/са/8:20