Скопје, 25 ноември 2010 (МИА) - Македонската филхармонија вечер со симфониски концерт ќе одбележи 66 години постоење. Концертот е во рамки на 11. Есенски музички свечености и ќе го води диригентот Борјан Цанев. На програмата се композициите „Марика, мома убава“ од Зографски, „Виулица“ од Свиридов и Концерт за оркестар SZ 116 од Барток.
Македонската филхармонија е прва национална институција формирана на 24 ноември 1944 година и прв Симфониски оркестар од кој подоцна произлегоа многу други значајни музички институции во Македонија.
Прв шеф-диригент на оркестарот беше композиторот Тодор Скаловски, а истовремено како диригент беше активен и композиторот Трајко Прокопиев, двајцата доајени на македонската музичка уметност. По бројните настапи на свечености, првиот симфониски концерт е одржан на 15 декември 1945 година под диригентство на Тодор Скаловски.
По неколкукратни менувања на својот назив и приклучување кон разни институции (Македонски народен театар и Радио Скопје), во 1960 година Македонската филхармонија трајно се конституира како самостојна музичка институција.
Речиси седум децении таа е еден од главните носители на музичкиот живот во Македонија, со особено значајна улога во афирмирање на македонските репродуктивни уметници, диригенти и промовирање на македонското музичко творештво.
Покрај редовните концертни настапи во земјава, Филхармонијата има и бројни гостувања во Европа и поранешниот Советски Сојуз, во земјите на Средна и Јужна Америка...., а меѓународната соработка ја негува и со гостувањето на реномирани странски диригенти, вокални и инструментални солисти. хс/сст/8:40