Почитувани,
Националната галерија на Македонија најавува на 3 декември 2010 година (петок), во 12 часот, во објектот Даут пашин амам, отворање на изложба по повод сто години од раѓањето на Димо Тодоровски - првиот академски образуван скуплтор во Македонија.
Оваа година Националната галерија на Македонија, и целата наша културна јавност, ја одбележува стогодишнината од раѓањето на Димо Тодоровски (1910-1983). Неговото уметничко творештво го претставуваме во јавноста ретроспективно, согледувајки го по многу години, под друг агол, под друга светлина.
Сто години е убав повод за повторно да ги разгледаме уметниковиот живот и кариера и пак да го преоцениме неговото место во историјата на уметноста во нашата земја. Уметникот Димо Тодоровски е прв академски образован скулптор во Република Македонија, исто така тој припаѓа на групата први ликовни педагози во нашата држава.
Во малата група пионерски личности, основоположници на современото македонско ликовно творештво, спаѓа и Тодоровски (1910, Солун - 1983, Скопје). Денес јасно се профилира историската улога на Димо, во една од најдинамичните области на македонската национална историја. Димо Тодоровски ја имаше честа и големата културна и историска одговорност да биде основач на модерната македонска уметност заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски.
Димо Тодоровски е роден на 12.11. 1910 г. во Солун. Во 1929 г. се запишува во Уметничката школа во Белград, а во 1935 ја завршува Уметничката школа со академски курс на скулпторскиот отсек во класата на П. Палавичини во Белград. Од 1945 до 1979 г. учествува во
формирањето на Уметничката школа во Скопје и е еден од првите професори. Таму останува до заминувањето во пензија во 1979 г. Исто така тој е еден од основачите на Уметничката галерија во Скопје во 1949 г. Во 1969 г. е избран е за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите. Димо Тодоровски умира во 1983 г. во Скопје.
Голем број дела се наоѓаат во Националната галерија на Македонија, во Музејот на современата уметност во Скопје, во МАНУ, како И голем број монументални споменици низ нашата земја, (во Трница, Крушево, Велес, Струга и т.н. )
Автор на јубилејната изложба: Димо Тодоровски-100 години од раѓање е Мирјана Талеска, кустос советник во Националната галерија на Македонија.
Изложбата се реализира во соработка со Македонската академија на науки и уметности и е подржана од Министерството за култура на Република Македонија.
За делото на Димо Тодоров на отворањето ќе говорат госпоѓа Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија, академик Георги Старделов, претседател на МАНУ и академик Цветан Грозданов.
Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА