Скопје, 8 мај 2011 (МИА) - Интернационалниот телевизиски канал „Euronews“ утре, со почеток во 10:45, почнува со прикажувањето на емисиите посветени на Македонија, кои се во нивна продукција.
Како што соопшти Агенцијата за привлекување на инвестиции и промоција на извозот на Македонија, во рамките на програмата насловена „Мacedonian Life” (Животот во Македонија) ќе се прикажуваат петминутни емисии во кои се опфатени темите: живот, бизнис и култура. Тие ќе бидат емитувани 20 пати во текот на една недела, во наредните три недели и тоа на следниве јазици: арапски, англиски, француски, германски, италијански, португалски, руски, шпански и турски јазик.
Програмата започнува со темата Lifestyle - „Changing Face of Skopje“ (Ново лице на Скопје) и ќе се прикажува од 9-ти до 15 –ти мај.
Од 16 –ти до 22-ри мај следува темата за екномијата Business – „Building a strong business motor“ (Градење на силен бизнис систем), додека пак последната тема посветена на културата „Soul of young nation“ (Душа на млада нација) ќе се емитува во периодот од 23-ти до 29-ти мај.
ТВ екипата на „Euronews“ при неодамнешниот еднонеделен престој во Македонија, направи неколку интервјуа и снимаше на повеќе локации во земјава.
Интернационалниот ТВ канал „еуронењс“ е гледан од 7,5 милиони гледачи дневно, во 155 земји во светот, а програмата се прикажува на 10 јазици. ва/14:26