Од печат излегоа две нови книги на режисерот Горан Тренчовски: КИНО НЕИМАР – есеистички текстови за филмот и драмските уметности, како и PIT KRALSKY (ПИТ КРАЛСКИ) - специјално издание на англиски јазик по повод ‘20 години интермедијално творештво’ на авторот.
Во поговорот за “Кино неимар” критичарот Ацо Гогов пишува: “...Насловите на петте циклуси, колку што содржи книгата, ја потврдуваат тaа градителска насоченост кон сопствен Дом: “Од подрум до покрив”, “Градби”, “Ходници”, “Фасада”, “Навраќање кон темелите”. Под рамната површина на книгата се разоткриваат градителството и неимарството како услови без кои не се може; почнуваат да се оцртуваат контурите на едно живеалиште создадено со вешта рака и бистар ум...” Ова е инаку петта книга на Тренчовски која се занимава со драмските феномени и со неа на интересен начин се заокружува автопоетичкиот дискурс на авторот, кој својата режисерска пракса ја надополнува со комплементарни теориски согледувања.
Во “Пит Кралски” се поместени англиски преводи на одбрани текстови од сите книги на Тренчовски, со детален критичко-референтен преглед. Во нејзиниот предговор, угледниот белградски културолог Зоран Стефановиќ вели: “Записите на Тренчовски - згуснати и хиперкомпонирани - истовремено толкуваат, набројуваат, пеат и изведуваат...”
Издавачи на овие книги се “Македонска реч”, авторот и “ТФА АФ”.
Горан Тренчовски од неодамна е примен во Друштвото на писателите на Македонија. Неговата клучна книга “Поетика на (де)тронизацијата” ќе има второ издание и се преведува на неколку јазици. До крајот на годината “Кино неимар” и “Пит Кралски” ќе бидат промовирани во Скопје и Струмица.