Скопје, 21 октомври 2011 (МИА) - Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска идниот месец во период од две недели ќе оствари три билатерални средби чија цел е продлабочување на културната соработка на меѓународно ниво. Таа ќе се сретне со министрите за култура на Естонија, Шведска и на Кина во нивните главни градови, информира Министерството за култура.
На 4 ноември во Талин Канческа-Милевска ќе се сретне со естонскиот министер за култура Реин Ланг, а ќе има и повеќе средби со директори на институции. Нејзината посета ќе биде дел од претставувањето на македонската култура во рамки на манифестацијата „Талин - европска престолнина на културата“.
Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ ќе одржи концерт во салата „Нокиа“, која е меѓу најпрестижните во Естонија. Ќе биде поставена и изложбата „Ин ситу“, во организација на Музејот на современата уметност, која ќе прикаже дела од современото македонско сликарство.
Македонската традиција пред естонската јавност ќе биде претставена и на изложбата „Македонски народни носии и везови“, организирана од Музејот на Македонија, која ќе биде поставена во Националната библиотека на Естонија. Урбаната култура на Македонија, пак, во Талин ќе биде претставена со настапот на Кирил Џајковски и неговиот бенд.
Како што соопшти Министерството за култура, министерката Канческа-Милевска на 14 ноември во Стокхолм ќе се сретне со министерот за култура и спорт Лена Аделсон Лијерот. На средбата се очекува да бидат разгледани можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На 17 ноември во Кина, пак, таа ќе има средба со Чаи Ву, со кого ќе потпише Програма за културна соработка за периодот 2012-2017. По тој повод ќе биде презентиран македонскиот фолклор со гостување на „Танец“ и ќе биде отворена изложба на Гордана Вренцоска. хс/паг/13:26