Во наредните три дена изведба на претставата „Невидлив град“ во градскиот автобус бр.19
Скопје, 4 ноември 2011 (МИА) - На 5, 6 и 7 ноември во градски автобус со број 19 ќе се одржи претставата „Невидлив град“ која ја раскажува мултиетничката историја на градовите, културната размена и вклучува дебата за културата и човековите права.
Дејствието ќе се одвива во автобус, меѓу патниците во текот на вообичаената маршута по која се движи автобусот со број 19, од Карпош 4 до Шуто Оризари и назад. Билет за шесте претстави нема, односно со самото купување на вообичаениот автобуски билет или покажување на слободните карти, граѓаните ќе имаат можност преку музичко-драмски перформанс да слушнат за историјата на Скопје.
Во меѓународниот проект поддржан од Европската комисија за култура се вклучени театри од Србија, Франција, Велика Британија, Данска и „Арт Медиа“ од Македонија. За секоја земја каде настапуваат уметниците се прави нова претстава наменета за градовите каде ќе се одвива.
- Станува збор за голем проект кој имаме голема чест како земја да го водиме. Како уметници, сакаме она што е невидливо да истакнеме дека во суштина е видливо. Проектот е за обични луѓе кои можеби никогаш не би дошле во театар, рече на денешната прес-конференција Маја Митиќ, директор на проектот и актер во претставата.
Шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје Роберт Лидл, кој присуствуваше на дел од денешната изведба наменета за медиумите, рече дека се чувствува среќно во „магичниот автобус“ и сигурно ќе се вози во автобусот бр.19 за време на викендот.
- Ова е одлично и е надвор од нормалните параметри. Фантастично е што луѓето преку претставата ќе увидат кои се и викендов нека ја фатат 19-ката, порача Лидл.
Ваков перформанс веќе беше изведен во Белград, а во наредниот период ќе се одвива и во Данска и Велика Британија, исто така во градски автобус. Проектот како идеја е на Дах Театар кој го почна во 2005 година во српската престолнина. лѓ/паг/14:36