Утре, во 12,00 час. во Кинотеката на Македонија ќе бидат промовирани двете нови книги на режисерот Горан Тренчовски: “Кино Неимар” – есеистички текстови за филмот и драмските уметности, како и “Pit Kralsky” (“Пит Кралски”) - специјално издание на англиски јазик по повод ‘20 години интермедијално творештво’ на авторот.
На промоцијата од името на домаќинот и издавачот ќе се обратат м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска и Нове Цветаноски, а за книгите и творештвото на Тренчовски ќе зборуваат промоторите Гоце Ристовски и д-р Сашко Насев. Фрагменти од “Кино Неимар” ќе чита актерот Томе Витанов.
“Кино неимар” е петта книга на Тренчовски која на интересен начин ги опфаќа драмските феномени, заокружувајќи го автопоетичкиот дискурс на авторот, кој својата режисерска пракса ја надополнува со соодветни теориски согледувања.
Во “Пит Кралски” се поместени англиски преводи на одбрани текстови од сите претходни книги на Тренчовски (“Од питач до крал”, “Орбис пиктус”, “Поетика на (де)тронизацијата” и “Парс про тото”), со детален критичко-референтен преглед.
Промоцијата ја организираат Кинотеката на Македонија и книгоиздателството “Македонска реч”.