ТИВЕРИОПОЛСКА ФИЛМСКА АЛИЈАНСА – Струмица
Ве поканува на Филмска вечер со МИТЕ ГРОЗДАНОВ: Препознатлив лик од екранот
и проекција на филмот
“ГЛУЖД ВО ВРЕМЕТО “
(МТВ, 2001, режија Ѓорѓи Стојановски )
23 декември (петок) – 19,00 час. –
НУЦК Антон Панов (мала сала)
ФИЛМСКА ВЕЧЕР СО МИТЕ ГРОЗДАНОВ ВО СТРУМИЦА
Во рамките на филмскиот циклус посветен на роднокрајни автори кои потекнуваат од Струмица, Тивериополската филмска алијанса в петок (23 декември) ја организира филмската вечер за Мите Грозданов, како препознатлив лик од екранот. На истиот датум пред три години Мите Грозданов официјално отиде во пензија, но тој уште е неуморен уметник кој твори на сите полиња и е активен во повеќе градови во државата. Добитник е и на бројни награди за неговите достигнувањата во драмската уметност.
Во Струмичкиот театар незаборавно е неговото учество во трилогијата на Митко Маџунков “Вечната игра” и во многу впечатливи ролји во Драмскиот театар и на други професионални сцени.
Мошне значаен дел од нашата филмска историја се неговите блескави актерски креации во филмовите “Црно семе”, “Среќна нова ‘49”, “Планината на гневот”, “Републиката во пламен”, “Истрел”, “Татко”, како и во ТВ сериите “Итар Пејо”, “Случки од животот”, “Солунски патрдии”, “Опстанок”, “Бумбари” и во многу други остварувања.
Ги напишал поетските збирки: “Ме болат мислите”, “Земјанец” и “Откорнат од душата”. Неговите монодрами и рецитали се редок пример за умешноста на владеењето на актерскиот занает во Македонија и пошироко.
Оваа Тивериополска филмска вечер ќе има проекција на едночасовниот ТВ филм “Глужд во времето” чиешто дејствие се случува во периодот на осамостојувањето на Македонија (продукција МТВ, 2001, сценарио и режија Ѓорѓи Стојановски), каде Мите Грозданов маестрално ја толкува главната улога.
Настанот се одржува во малата сала во НУЦК “Антон Панов” - Струмица, со почеток во 19 час.