ВО МОБ
Традиционален гала-концерт за Василица
Традиционално, Македонската опера и балет утре и в петок (20 часот) ќе одржи гала-концерт по повод празникот Василица. Концертот насловен како "Вива Верди" ќе ги содржи најпознатите Вердиеви оперски арии, а ќе ги исполнат нашите првенци, истакнати солисти, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на МОБ.
Покрај домашните уметници ќе учествуваат и гости од странство, меѓу кои Даниела Дјакова (мецосопран од Бугарија), Адријана Јоција (сопран од Италија), Бурак Билџили (бас од САД), Борис Трајанов (баритон) и нашите истакнати солисти Славица Петровска-Галиќ (сопран), Весна Гиновска-Илкова (сопран), Благица Поп Томова (сопран), Павлина Новакова-Георгиев (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор) и Ирена Кавкалевска (мецосопран). Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Алесандро Д'Агостини од Италија.
Оваа година ќе се изведат арии од едни од најпознатите Вердиеви опери: "Риголето", "Травијата", "Моќта на судбината", "Аида", "Трубадур", "Дон Карло", "Атила", "Магбет", "Лујза Милер", "Набуко", "Корсар".