„Неговите арии“ - меморијален концерт за Тоше утревечер во МОБ
Скопје, 20 јануари 2012 (МИА) - Четвртиот меморијален концерт за Тоше Проески, во чест на неговиот роденден (25 јануари), ќе биде одржан утревечер во Македонската опера и балет, поинаков од изминатите три, зашто песните на Тоше ќе прозвучат во нови, оперски аранжмани.
Концертот е насловен „Неговите арии“ и ќе го води диригентот Саша Николовски-Ѓумар, а ќе настапат оперски солисти од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и од Бугарија, придружени од хорот „Про арс“, Оркестарот на МОБ и Бендот на Тоше.
Автори на новите аранжмани за оперски оркестар, хор и бенд се Сашо Николовски-Ѓумар, Сашко Николовски и Дамир Имери. Учествуваат македонските оперски пејачи Ѓорѓи Цуцковски и Весна Ѓиновска-Илкова, српските Сања Керкез и Иван Томашев, Еделина К’нева од Бугарија, Иве Гамулин-Џани од Хрватска и Аленка Готар од Словенија, како и пијанистот Симон Трпчески и гитаристот Влатко Стефановски.
- Ова е нешто поинакво, а повторно прилега на Тоше и не беше туѓо за него. Операта беше негова голема љубов...и овој настан е невообичаен и ја отсликува големината на Тоше различно од сите досегашни концерти... Тоше имаше многу фанови, дел од нив се љубители на операта, па овој настан е одлична можност за нив, рече на прес-конференција Андреј Николоски, претседател на Фондацијата „Тоше Проески“.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека утрешниот концерт ќе открие уште еден сегмент од уметничката работа на Тоше - неговата прва љубов - класичната музика.
- На концертот утре ќе ги слушнеме неговите песни со нови аранжмани, обработки од албумот „Божилак“ и неговите интерпретации на познати арии, со кои повторно ќе се потсетиме на моќта на неговиот вокал и на неговата харизма. Верувам дека концертот ќе биде вистинско уживање за сите обожаватели и почитувачи на музиката на Тоше и дека ќе разбуди многу емоции, рече Канческа-Милевска. Таа нагласи дека Министерството ќе продолжи да го поддржува негувањето на ликот и делото на Тоше и најави промоција на монографија за него во април.
Од учесниците на утрешниот концерт, на средбата со новинарите присуствуваа оперските певици Готар и Керкез. Аленка Готар, која има учествувано на првиот меморијален концерт, истакна дека е почестена од поканата зашто Тоше и бил личен пријател.
- Голема чест е што можам да бидам тука од почит, љубов и пиетет кон Тоше. Ќе ја пеам песната „Једина“ за нашиот единствен Тоше, рече Готар.
Сања Керкез истакна дека во изминатите 15 години често гостувала во МОБ, но првпат за ваков повод. - Не сум пеела ништо освен опера и ова ќе биде голем предизвик, особено зашто бев голем фан на Тоше, чија музика е нешто специјално и, според мене, никогаш пред него и по него не е забележано на естрадата, рече Керкез. Таа ќе ја пее „Још увек сањам да смо заједно“, а во дует со тенорот Благој Нацоски - „Игри без граници“.
Организацијата на концертот чини околу 35 илјади евра, обезбедени од Фондацијата „Тоше Проески“ и од Министерството за култура. Во продажба се пуштени 600 влезници, колку што е капацитетот на МОБ. Во однос на изминатите три концерти, кога влезниците беа 250 денари, за овој чинат по 1.200 денари, а дел од приходот е наменет за опремување на Клиниката за детски болести.
- Фондацијата свесно влегува во финансиска загуба, но се додека има можност ќе продолжиме со она што Тоше го остави во аманет...Жалам за негативните коментари, но подготвување концерт како овој има и многу трошоци - за организација, техника, аранжмани, распишување партитури, озвучување, дневници за уметници и учесници, па се до авионски карти и сместување на гостите од странство, рече Николоски, појаснувајќи ги причините за износот на влезницата оваа година.
Тој додаде и дека Македонската опера и балет е избрана за локација поради техничките услови и зашто е институција од културата со која се совпаѓа концептот за проектот.
Првиот меморијален концерт беше одржан на 5 октомври 2008 на Градскиот стадион, каде што една година претходно Тоше го одржа својот последен концерт. Од 2010 меморијалните концерти се организираат во јануари по повод роденденот на Тоше. Вториот и третиот концерт (2010 и 2011) се одржаа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. хс/паг/12:53