ДЕНЕСКА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ
Македонија ќе живее театарски
Светскиот ден на театарот на македонските сцени ќе биде одбележан работно, значи секаде ќе има претстави и ќе одекнат пораките на актерските великани Џон Малкович и неговата светска порака и Мето Јовановски чие е македонското писание до нашите театарски уметници
Светскиот ден на театарот на македонските сцени ќе биде одбележан работно, значи секаде ќе има претстави и ќе одекнат пораките на актерските великани Џон Малкович и неговата светска порака и Мето Јовановски чие е македонското писание до нашите театарски уметници.
Како што веќе информиравме, во центарот на вниманието е отворањето на Театарот на комедија со претставата "Ах, љубов моја", во авторство и режија на Коле Ангеловски, а значаен настан се подготвува и на Факултетот на драмски уметности. Денеска (12 ч.) во салата на ФДУ ќе биде одбележана 60-годишнината од дипломирањето на првите македонски режисери и некогашни професори во оваа наша институција, Димитрие Османли (1927/2006) и Тодорка Кондова-Зафировска (1926/2003). Во присуство на сите релевантни театарски фактори во Македонија за двајцата доајени ќе зборуваат д-р Јелена Лужина, д-р Антонио Митриќески и м-р Лазар Секуловски, декан на Факултетот за драмски уметности. И овде ќе бидат прочитани пораките, а националната ќе ја прочита лично Мето Јовановски.
И во останатите театри ќе има претстави претежно од редовниот репертоар, единствено во Куманово ќе се излезе со премиера на "Просидба", работена од сопствени средства во режија на Кети Дончевска Илиќ, во која играат: Стефанија Зисовска, Горан Илиќ и Давид Илиќ. Во Битола ќе се игра "Лет во место", во Велес "Жени", Турскиот театар ќе го одбележи денот со синоќешната премиера на "Малиот принц", Албанскиот театар ќе го отвори театарските порти за најмладите, запознавајќи ги со функционирањето и тајните на театарот, со актери облечени во костими... во Струмица ќе оди со "Црвена магија" и пригоден коктел потоа, Прилеп со "Манги пијат чај", во МНТ ќе има две претстави - "Сребрена свадба" со актерката Катина Иванова (18 ч.) и култната "Буре барут" (20 ч.)...
Во Штипскиот народен театар за првпат со музичко-сценски перформанс ќе му се додели наградата "Димитар Зајков" на Милорад Ангелов, за актер кој имал најмногу одиграни претстави во измината 2011 година.
Како и да е, денешниот ден во Македонија навистина (барем според она што го имаме како информација) ќе живее театарски.