Нова „Травијата“ за отворање на Мајските оперски вечери
Досега невидена постановка со посебна психолошка разработка на ликовите и со нов режисерски, сценографски и костимографски поглед. Вака од Македонската опера и балет ја најавуваат целосно обновената „Травијата“, која на 9 мај ќе ги отвори јубилејните 40-ти Мајски оперски вечери. Освен „Травијата“, до 31 мај ќе бидат изведени и „Турандот“, „Тоска“, „Војвотката на чардашот“, „Аида“ и балетот „Лебедово езеро“. Црномурната Гвинет Ел Џеферс, една од најдобрите британски пејачки, американскиот мецосопран Фредерика Бриленбург, белорускиот сопран Ирина Гордеи, солистка во Маринскиот театар, тенорот Руди Парк од Јужна Kореја, кој настапува претежно во Италија, солисти од Италија, Бугарија, Украина, Германија и наши солисти ќе ги одбележат јубилејните 40. мајски оперски вечери.
На познатата опера на Џузепе Верди работи целосно бугарска екипа, а ќе настапат домашни солисти. Режисер е Нина Најденова од Бугарија.
- По еден и пол месец подготовки по осум до девет часа на ден направивме специјална „Травијата“. Психолошко-трагично-лирска драма на жена која решително презема чекори на прагот помеѓу животот и смртта - рече Најденова.
Директорот на Македонската опера и балет, Дејан Прошев, вели дека годинава програмата е конципирана со претстави што во изминатите четири децении биле најгледани, според статистиката на продадени билети.
- „Травијата“ не само што е најгледана опера за време на Мајските оперски вечери,туку и кога е на репертоарот на куќата. Во минатите 40 години секогаш кога била на репертоар го полнела салонот од 813 луѓе. Ова не е обнова, туку премиера – рече Прошев.
Со хорот и оркестарот на МОБ ќе диригира Норман Виџаја од Индонезија. Тој вторпат е во Македонија.
- Почестен сум што веруваа во мене и ми дадоа шанса да ја диригирам оваа опера. Тоа е првата опера која ја диригирав пред 35 години и исто така моја омилена опера. Јас доаѓам од Југоисточна Азија, каде што немаме оперска куќа. Но, ние сме земја на пејачи и ја сакаме музиката – рече Виџаја.
Насловната улога ќе ја игра сопранот Благица Поп Томова. Таа истакна дека првпат го игра овој лик и дека иако е исцрпувачки, тоа е една од најубавите улоги за еден сопран. Нејзини партнери се тенорот Ѓорѓи Цуцковски (како Алфред Жермон) и баритонот Борис Трајанов (како Жорж Жермон).
Цуцковски рече дека ова е трета продукција на „Травијата“ во која настапува.
- Интензивно работевме на наоѓање чиста емоција и нејзино донесување на сцена. Тоа е светски тренд, а ние немаме шанса често да го правиме тоа - рече Цуцковски.
Kореографката Борјана Сечанова рече дека танцот е преплетен во драматуршкото дејство. Kостимографката Цветанка Стојнова истакна дека костимите се многу различни од оние што досега навикнала да ги гледа нашата публика.
Приходот од „Травијата“ е наменет за подобрување на условите за лекување во Институтот за белодробни заболувања.
Директорот Прошев нагласи дека билетите се речиси распродадени.
#