Прес конференција по повод јубилејниот 5-ти по ред Фестивал на францускиот филм во Охрид
Четврток, 28 Јуни 2012 12:05
Фестивалот на Францускиот филм во Охрид, во изминатите четири години успешно ги зацврсти темелите на соработката помеѓу францускиот и македонскиот филм и отвори низа можности за размена на уметници
Министерот за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска, заедно со амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, г. Жан-Клод Шлумберже, советникот за култура и соработка при Амбасадата на Франција во Република Македонија и директор на Францускиот институт во Скопје, г. Жан-Ивс Лавоар и копретседателот на Фестивалот на францускиот филм во Охрид, г. Јордан Плевнеш одржаа прес конференција по повод јубилејниот 5-ти по ред Фестивал на францускиот филм во Охрид.
Во своето обраќање пред новинарите, Канческа-Милевска истакна дека Фестивалот на Францускиот филм во Охрид, во изминатите четири години успешно ги зацврсти темелите на соработката помеѓу францускиот и македонскиот филм и отвори низа можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена на искуства со земјата која претставува лидер во европската кинематографија.
„Оваа година на Францускиот филмски фестивал ќе имаме можност да проследиме вкупно 9 долгометражни и 12 краткометражни филмови. Пред македонската и публиката од регионот премиерно ќе бидат прикажани филмовите „Опседнатост“, „Вештина на љубовта“, „Ред и морал“, „Однапред обвинет“ итн. Програмата на фестивалот ќе биде богата и жанровски многу разновидна и ќе овозможи и неформални средби кои верувам дека во иднина ќе резултираат со некоја успешна заедничка копродукција“-изјави министерот за култура.
Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија г. Жан-Клод Шломберже се заблагодари на драгоцената поддршка и безусловна помош на Министерката Елизабета Канческа-Милевска и подвлече дека, фестивалот не би можел да постои без оваа одлучна поддршка на Министерството за култура и други институции како што се Филмскиот фонд, градот Охрид, регионот на Долна Нормандија, кој е и ќе биде сè поголем поддржувач на фестивалот.
Овој фестивал кој ќе трае од 30 јуни до 5-ти јули, се одржува во организација на Францускиот институт во Скопје, а со поддршка на Министерството за култура и градот Охрид како и првпат од оваа година Регионот на долна Нормандија. Фестивалот има награден карактер, па така и оваа година ќе бдат доделени наградите за најдобар филм, актер, актерка како и награда за животно дело.
Извор: Министерство за култура