На свеченото отворање се очекува да пристигнат режисерката Ноеми Лвовски и сценаристката на филмот Флоранс Сејвос
Денеска во киното „Синеплекс“ во Скопје со комедијата „Камиј повторува“ од 2012 година ќе стартува 6. Фестивал на француски филм. На свеченото отворање се очекува да пристигнат режисерката Ноеми Лвовски и сценаристката на филмот Флоранс Сејвос.
Годинава на Фестивалот ќе бидат прикажани 10 долгометражни и три кратки филма од најновата француска кинематографија. Фестивалските денови ќе ги затвори политичката драма „Последната изборна кампања“ на режисерот Бернар Стора, кој ќе биде присутен на Фестивалот. Селектор на годинашното издание е Жан Мишел Фродон, поранешен главен уредник на „Каје ди синема“.
Амбасадорката на Франција, Лоренс Оер, рече на прес-конференцијата дека овој Фестивал е најголем француски културен настан во Македонија и се надева дека ќе биде фестивал на задоволство.
„Конципиран е поинаку од минатите изданија, ќе почне во Скопје и ќе продолжи во Охрид, но ќе донесе свежа продукција која очекувам да биде прикажана во комерцијалната мрежа. Целта не е само да прикаже филмови, туку покрај проекциите, да воспоставиме и соработка за продукција и за филмска едукација. Ќе се обидеме режисерите, гостите на Фестивалот, како и селекторот, кој е познат филмски критичар во Франција, да стапат во контакт со македонските филмски работници, режисери и продуценти“, рече Оер.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, истакна дека во изминатите шест години Фестивалот на францускиот филм станал миленик на македонската публика, етаблирана синеастичка манифестација во која, како што рече, со нескриена возбуда уживаат и најпребирливите познавачи на филмската уметност.
Фестивалот на францускиот филм го организираат Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Министерството за култура и градот Охрид и на регионот на Долна Нормандија, со кој неколку години Македонија има постојана соработка. Во посебен термин на Фестивалот, в петок во Охрид, ќе биде прикажана програмата „Фокус на аудивизуелното творештво на регионот Долна Нормандија“. Во рамки на Фестивалот денеска напладне на Универзитетот ЕСРА ќе има предавање Натали Стејф од Францускиот институт во Париз, на тема „Поддршка на светскиот филм“.
Извор: Утрински весник