Скопје, 05.11.2013 год- Драмски театар
Нова хит-претстава од Стефановски и Унковски и нова химна за македонската азбука
Кога Горан Стафановски и Слободан Унковски прават претстава, нема утка. Драмски театар е нивниот дом, во кој од саботата на редовен репертар е претставата „Огнени јазици“ за која за две недели однапред се продадени билетите. Ова е нивна десетта заедничка претстава и навистина паузата од седум години, кога последен пат Унко и Горан работеа заедно на „Демонот од Дебар маало", беше долга.
„Огнени јазици“ е претстава за Кирил и Методиј, за нивната мисија во Моравија, за борбата меѓу кирилицата и латиницата, за духот на македонскиот јазик и за нацијата... Ова е претстава за преводот, претстава за зборот, и за што да се фатиме, ако не за него, како што има еден дијалог меѓу Итар Пејо и Болен Дојчин кога овој му вели: А за што те фатам, ако не за збор?
Драмски театар има нова хит-претстава на која гледачите ќе се смеат на трагикомичните ситуации, а ние имаме нова химна за македонската азбука, по „Бушава азбука“. Композитор на музиката за претставата е Златко Ориѓански, а првпат во театарски проект се појавуваат уметникот Игор Тошевски и Ивана Кнез. Тошевски е задолжен за сценскиот дизајн, а младата Кнез за костимографијата. Анимациите се на Денис Сарагиновски, кој, исто така, има прво тетатарско искуство.
Извор: Република