КАСТИНГ ВО СТРУМИЦА И СКОПЈЕ ЗА ФИЛМОТ ПОД РАБОТЕН НАСЛОВ „ЗЛАТНА ПЕТОРКА“
Долгометражниот игран филм под работен наслов „Златна петорка“ поддржан од Агенцијата за филм на РМ влегува во фаза на продукција.
Сценариото е работено по драмски и прозни мотиви на Братислав Ташковски, продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, сценограф е Кирил Спасески, а филмот треба да го монтира Андрија Зафрановиќ. Филмот е во продукција на „Револушн“ - Скопје, копродуцент е Македонската телевизија, а помагатели на проектот се Општина Струмица, Радовиш, Василево, Босилово и Ново село.
Кастингот за одредени улоги и за статисти за играниот филм под работен наслов „Златна петорка“ ќе се прави на 28 јули (вторник) во Домот на АРМ во Струмица и на 31 јули (петок) во „Вардар филм“ во Скопје.
Главен помагател и партнер на филмската продукција е Општина Струмица со сите расположливи ресурси и институции кои се во надлежност на органите на локалната самоуправа. Филмот го поддржуваат и приватни фирми и субјекти од струмичкиот регион.
Играниот филм под работен наслов „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски е замислен како фикција за една прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдеат копнежот и предавството. Во филмската приказна нè водат протагонисти кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото. Сѐ додека еден преживеан сведок не отпрета некои нови траги кои наведуваат на досието од 1951 при што е ликвидирана група студенти од Струмица.
Снимањето на филмот под работен наслов „Златна петорка“ ќе започне во втората половина на септември. Филмот се очекува да биде завршен за кино-прикажување напролет со премиера на некој од светските филмски фестивали.
Извор: "GORAN TRENCHOVSKI's Official Mail"
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
28-ми јули2015 год.