Изложбата претставува активен израз на љубовта кон фотографијата на членовите на „ЕЛЕМА" и одлучен став за продолжување на една значајна традиција на годишно изложување на дел од своите уметнички дела. Членовите на Клубот активно учествуваат на сите домашни и повеќето меѓународни изложби на фотографии, под покровителство на Светската фотографска асоцијација (FIAP) и се носители на значајни награди и признанија.
Изложбата претставува и заокружување на успешната фотографска година, во која Фото клуб „Елема" заедно со Фото сојузот на Македонија ги организираше претставувањето на колекцијата „Современа македонска фотографија" во јуни месец во Чачак, Србија, која од домашната еминентна фотографска критика беше оценета со највисоки оценки и редовната годишна изложба „Денови на македонската фотографија 2007" во месец октомври во Скопје,
Конечно, изложбата претставува и најава на престижната меѓународна изложба „Фотомедија 2008", која со своите десет изданија успеа да стекне висок интернационален углед и котира меѓу 10-те најпрестижни изложби на фотографија во светската фотографска уметност. Одржувањето на оваа значајна манифестација се планира во месец ноември 2008 г.
Дарко Петровски,
претседател на ФК„ЕЛЕМА".