Скопје, 11 октомври 2010 (МИА) - „Заштита и дигитализација на фотографското културно наследство“ е темата на конференцијата што утре и задутре ќе се одржи во Скопје. Конференцијата се одржува во рамки на повеќегодишниот проект “Поинаков поглед“ со поддршка на Швајцарската програма за култура за Западен Балкан.
Специјален гостин на конференцијата ќе биде реномираниот конзерватор од Франција, Ен Картие Бресон, директор на ателјето за реставрација и конзервација на фотографии на градот Париз.
Во рамките на конференцијата, утре вечер ќе биде отворена изложба на 60 фотографии од браќата Манаки. Фотографиите се изработени во лабораторијата на Македонскиот центар за фотографија од оригинални негативи кои љубезно беа отстапени за обработка од Државниот архив на Македонија – подрачно одделение Битола. Некои од фотографиите за прв пат се изложуваат пред македонската јавност. Покрај изложбата предавање за заштитата и третманот на фотографиите на францускиот великан Анри Картие Бресон ќе одржи Ен Картие Бресон.
Задутре на конференцијата свои преэентации ќе имаат Зоран Петровски, Валентино Димитровски, Мими Ѓоргоска Илиевска, Роберт Јанкулоски од Македонија, Ен Картие Бресон од Франција и Бранко Гавриќ од Србија.
Проектот, во чии рамки се одржува Конференцијата, е посветен на севкупниот развој на фотографскиот медиум и на подигање на јавната свест за актуелните социјални проблеми преку обука за фотографија, продукција на документарна фотографија и нејзина презентација.скс/дма/11:17