Фотографиите на над 300 автори, кои од вчера се претставени во изложбените салони на галеријата Мала станица, се ново освежување на градската културна сцена. Посетителите и љубителите на добрата фотографија имаат можност да ја видат ретроспективна изложба, која е дел од проектот "Поинаков поглед". Овој проект е реализиран во периодот од 2007 до 2010 година од Македонскиот центар за фотографија со поддршка на Швајцарската програма за култура Западен Балкан.
"Се работи всушност за три изложби во една, така што покрај фотодокументите од активностите опфатени со проектот, посетителите ќе можат да видат и фотографии од курсот по модна фотографија. Исто така, промовиран е и документарниот проект "документ.дете" на авторот Моника Мотеска реализиран во соработка со ученици од ОУ "Димитар Миладинов" од Скопје со 34 фотографии", објаснува Лидија Пајевиќ, од Македонскиот центар за фотографија.
Иако модата и модните фотографии најчесто привлекуваат поголемо внимание, тоа не беше случај и на синоќешното отворање на изложбата. Посетителите по се изгледа ги интересираше квалитетот, па така секоја фотографијата привлекуваше своја публика. Изложбата на која навистина има што да се види, ќе биде отворена до средината на овој месец, а сите заинтересирани ќе можат да пронајдат дел од своето детство, секојдневие или хоби преку фотографиите кои, според Пајевиќ, се создавани од автори од сите генерации.
(Д.Т.) - Вечер
Фото:Д.Митрески