Скопје, 10 март 2012 (МИА) - Во изложбениот салон на Културно информативниот центар-Скопје синоќа беше отворена изложба на фотографии од Конкурсот за избор на најдобра фотографија, со мотиви од Скопје, што неодамна го распиша Градот Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски на отворањето на изложбата, на авторите на најдобрите фотографии им врачи награди, а на сите учесници на конкурсот признанија.
- Фотографијата е уметност, наука и практика, којашто кај гледачот предизвикува драматичен ефект, го насмејува, предизвикува страв, а вистински погодок е ако се пронајдете во приказната. Единствената порака, освен уметничката димензија на фотографијата е тоа што таа, сама по себе, е сведошто за едно време, место, народ, начин на живот, односно создавање трајни слики и приказни низ историјата на човештвото, онака како што нашите фотографи-учесници во конкурсот ја доживуваат и пренесуваат преку своите фотографии, рече на отворањето на изложбата Трајановски.
Во ова време на глобални промени, истакна, Скопје како стопански, административен, културен и туристички центар, постепено се менува. Се создава архитектонски нова урбана целина, со подобрена инфраструктура, во којашто посебен пиетет се дава на сите заслужни историски личности и сите оние што овозможиле денес слободно да живееме и пишуваме за историја за Скопје, наведе градоначалникот Трајановски.
За темата „Скопје - Градот што се менува“ добитник на првата награда е Наќе Батев од Скопје за фотографијата - Фонтаната на плоштадот „Македонија“ со споменикот „Воинот на коњ“. Втората награда му припадна на Дарко Котевски од Скопје за фотографијата „Мајка со дете“, а третонаграден е Дарин Ангеловски од Скопје за фотографијата „Ново-старо Скопје“.
Сања Бадаровска од Скопје со фотографијата „Чаршија 1“ е првонаградена за темата „Старата скопска чаршија и знаменитостите, односно сакралните објекти во Чаршијата и Калето“. Втората награда му припадна на Звонко Плавевски од Скопје за фотографијата „Чергар“, а на трето место е Сања Бутерин од Скопје за фотографијата „Велосипед пред берберница“ и Марија Костовска од Скопје за фотографијата „Ноќ во чаршијата“.
Влахо Бранџолица од Скопје за фотографијата „Чамци - Матка“ е првонаграден за темата „Водите и убавините на Скопје“. Второнаграден е Ангел Ситновски од Скопје за фотографијата „Кајче“, а третопласиран е Кирил Штрков од Скопје за фотографијата „Козјак“. лв/мд/10:12