Скопје, 11 мај (МИА) - По повод 60-годишнината од прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, денеска се одржва собир во рекреативниот центар „Сарај“ во Скопје.
На собирот, кој е во организација на Координативниот комитет на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, се обрати премиерот Никола Груевски.
- Кога зборувам за нашата историја, моето чувство и намера најдобро го опишуваат зборовите на некогашниот премиер на Израел, Ехуд Барак, кажани на конференцијата за холокаустот во 2000-та година. Иако простив, се заколнав да не заборан ништо и да запомнам се. Грижата кон сопственото минато, незаборавањето е уште една одлика на цивилизираниот свет. Тоа е основа на идентитетот, рече Груевски.
- Не постои административна метода за бришење на сеќавањето кои сте и што сте. Да, присилата може да потисне и навидум, да го прикрие постоењето на една вистина, но тоа не може да биде вечно. Јас го разбирам стравот на нашиот јужен сосед. Тоа не е страв од нас, од некакви наши претензии, тоа е страв од вистината, додаде премиерот Груевски.
Учесниците на собирот треба да усвојат посебна декларација за грчкиот геноцид врз Македонците.
Предвидена е богата културно-уметничка програма насловена „Незгаслива светлина“, со настап на КУД-а „Танец“ од Скопје и на „Дримкол“ од Вевчани и естрадни уметници. ва/нд/13:37