Во рамките на одбележувањето на Франкофонијата во Македонија и 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји во галеријата „АКАНТУС“ беше отворена изложбата „ПАРИСКИ СИГНАТУРИ“. Во поставката се опфатени делата на четиринаесет истакнати македонски уметници, реализирани по нивниот престој во Франција и во Уметничката резиденција во Париз.
Духот на Париз е пренесен во јавноста преку делата на уметниците кои не познаваат граници и кои го врежале своето богатство на неповторливост во времето и просторот, вели кустосот на изложбата Марина Лешкова. Низ делата на четиринаесет истакнати македонски уметници се разоткрива раскошниот меѓукултурен дијалог кој не познава граници.
„Гледајќи ги сите овие дела ние навистина можеме да видиме преку нив еден силен воспев во којшто се вели „ние сме од Европа, ние сме пријатели на Франција“. И во овие на моменти можеби потешки денови доволно е да се гледаат овие дела за да се биде навистина осветлен од сонцето кое го носат тие дела и да се каже дека уметноста е таа која не просветлува и осветлува.„, вели КРИСТИЈАН ТИМОНИЕ, амбасадор на Франција во Р.М.
„Париз за уметниците секогаш претставувал голем предизвик од најстарите генерации па до најмладите. Бил предизвик и ќе остане предизвик, бидејќи Париз како град и како град на уметноста и убавината е секогаш мит за сите уметници. Секој на свој начин го пренесува тој дух на Париз, бидејќи знаете реката Сена има посебно значење во сите дела. Дава живот енергија, така што ќе видите дека од сите дела блеска прекрасна енергија“ , вели МАРИНА ЛЕШКОВА, ликовен уметник и историчар на уметноста
Делата на македонските уметници во поставката насловена „ПАРИСКИ СИГНАТУРИ“ во галеријата АКАНТУС ќе бидат изложени до 20 април.
Извор: http://telma.com.mk/otvorena-izlozhbata-pariski-signaturi/