"Чудесна Македонија" за сите дома и за сите странци
Книгата "Чудесна Македонија", што неодамна излезе од печат во издание на "Младинска книга"-Скопје, не е ниту монографија ниту енциклопедија.
Печатена е во голем формат, па наликува на енциклопедиско издание. Има околу 530 страници и над 700 фотографии, а, сепак, е мала за да ги собере сите убави природни богатства и големото културно наследство на Македонија.
Концептуално, книгата е замислена како претставување на Македонија преку 100 локации и во тие рамки се дадени места, планини, села, археолошки локалитети, цркви, џамии... Тоа е избор на места што им се познати речиси на сите граѓани на оваа земја, но и помалку познати области, скриени водопади, пештери, села и планински врвови. Според креаторите на оваа книга, главниот и одговорен уредник на ова издание, Лавинија Шувака-Хоџиќ, фотографот Наце Попов и текстописецот Марија Саревска-Тодоровска, "Чудесна Македонија", со својата разнообразност и содржина, е книга со која ќе се гордее секој граѓанин, книга за секое семејство, без оглед на неговата национална и верска припадност.
Извор: Вест