"Никола Маџиров е блескава комета на современата светска лирика" - со овие зборови бил најавен Маџиров на отворањето на најзначајниот германски и еден од најголемите европски поетски фестивали "Поесиефестивал Берлин". Никола Маџиров, пред преполната сала од над илјада луѓе во Академијата на уметностите во Берлин, го отвори фестивалот со петнаесетминутно читање на своите песни на македонски јазик, а аплаузот долго време не запираше.
Публиката доби по еден примерок од Антологијата во кои беа застапени германските преводи на деветте автори од сите страни на светот кои читаа таа вечер и во затемнетата сала со фенер, исто така добиен со билетот, ги читаше преводите од Антологијата.
Во рамките на фестивалот, во вторникот било претставено творештвото на Никола Маџиров преку разговор со германскиот поет Александер Гумц, а реакции на одобрување излегле во повеќе германски медиуми.
На читањето, пак, на меѓународниот фестивал во Бремен, повторно Никола Маџиров ја отвори саботната поетска вечер во преполната театарска сала со читање на песните на македонски јазик. Модераторот на вечерта, Мајкл Августин, во најавата рекол:"Никола Маџиров го споредуваат со Нобеловецот Томас Транстромер, тоа го направи и Шпигел, а тој со своите стихови ја стави Македонија на атласот на светската поезија на 21 век".
Извор: Вест