Во издание на издавачката куќа
КАЛАМУС
http://www.kalamus.com.mk
публикувана е монографијата на Марковиот манастир како еден од најзначајните споменици на црковната уметност од втората половина на ΧΙV век во Македонија и пошироко на Балканот. Воедно треба да се напомене дека оваа книга претставува прв публикуван одбранет докторски труд од областа на архитектурата во Македонија.
АРХИТЕКТУРАТА НА ЦРКВАТА СВ. ДИМИТРИЈА - МАРКОВ МАНАСТИР
од d-r Елизабета Касапова
Mонографскиот труд на д-р Елизабета Касапова е посветен на архитектурата на еден мошне значаен споменик од средновековната продукција на територијата на Р. Македонија и последна голема кралска задужбина пред конечното воспоставување на османлиската власт врз овој дел од Балканот. Трудот (408 печатени страни) покрај основниот текст содржи: 44 цртежи и фотографии од досегашните истражувања на манастирот, 61 авторски цртежи како документација, реконструкции и анализи, 217 фотографии (123 колор и 94 црно бели), 692 библиографски единици и опширно резиме на англиски јазик.
* * *
Значењето на сериозната задача - да се истражи и утврди вистинското место на градителскиот потфат каков што е манастирскито комплекс близу Скопје - сосема се потврдува со извршената детална анализа на сите просторни единици, особено на католиконот посветен на Св. Димитриј, што до сега не е сторено во науката. Компаративниот пристап во однос на споменичното наследство во византиската престолнина и провинциските центри на Балканот низ широк хронолошки дијазапон, ја води д-р Е. Касапова до логични, интересни и за науката нови заклучоци во врска со спецификите на овој објект. За секој релевантен архитекстонски чинител, таа удврдува постојна и аргументирано реконструира првобитна состојба, со што придонесува кон натамошно истражување на историско-уметничките прашања поврзани со манастирот. Во тој контекст се занимава и со преиспитување на ктиторскиот натпис и, за црквата чие живописување е датирано во 1376/77 г., предлага можно време на градежна активност во текот на претходната деценија.