ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА КНИГАТА И АВТОРСКОТО ПРАВО
Книгите се најмоќните алатки што ни стојат на располагање
НУБ која годинава слави 70 години од своето формирање традиционално се вклучи во одбележувањето и преку испраќање на порака од македонски автор. Годинава пораката ја прочита академикот Митко Маџунков. Во рамките на одбележувањето беше доделена и наградата за најчитан автор според јавните библиотеки на Р. Македонија, а ја доби писателот Блаже Миневски
"Книгите се најмоќните алатки што ни стојат на располагање за да се отстрани сиромаштијата и да се зајакне мирот. Во нив е изразена човечката креативност и желбата за споделување идеи и сознанија, но и за ширење на разбирањето и толеранцијата", истакнува генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, во својата порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, кој вчера беше одбележан и од страна на Националната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски" во Скопје. НУБ кој годинава слави 70 години од своето формирање се вклучи во одбележувањето и преку испраќање на порака од македонски автор. Годинава пораката ја прочита академикот Митко Маџунков. Тој истакна дека прашањето за местото на книгата во денешниот свет, врзано и за авторските права, отвора многу важни теми.
"Едната од нив е и соодносот меѓу печатените книги и електронските изданија. Ова особено важи за оние средини, каква што е и македонската, што ја прескокнале златната доба на печатарството и така останале без доволно пишани споменици. Нашата држава вложува големи напори да се надомести пропуштеното, за што сведочат многу едиции во печатена, но и електронска форма. Другата важна тема се авторските права, што е во непосредна врска со слободниот пристап на Интернет.
Авторските права треба да се почитуваат, но треба да се почитува и правото на пасионираните читатели чија потрага по нови книги во една слободна духовна татковина игра важна, речиси пионерска улога", вели академик Маџунков.
Присутните традиционално на подарок добија книга и роза, идејата која според директорот на НУБ, д-р Иван Зарев потекнува од стариот каталонски обичај.
"Со ова празнување УНЕСКО сака да оддаде признание на книгите и писателите и да ги охрабри луѓето да ги откријат или повторно да уживаат во читањето на книгите. Во изминатите години во нашиот храм на книгата промовиравме значајни капитални проекти кои придонесуваат за ширење на книгата и читањето како од македонските автори, така и од врвните автори на светската книжевност, а Министерството за култура како традиционален покровител и годинава го поддржа одбележувањето", истакна д-р Заров. (Д.Т.)
Блаже Миневски е најчитан автор
Според добиените податоци за искористување на фондовите на Јавните библиотеки во Република Македонија, односно според бројот на регистрирани позајмувања во 26 јавни библиотеки во државата, најчитан автор во 2013 е писателот Блаже Миневски.
"Имам добиено повеќе награди, но оваа некако посебно ми е значајна и драга затоа што доаѓа од оној за кој писателот постои, од читателот. Токму читателот е тој што на крајот го дава судот за она што е напишано и ако нема читател, нема ни смисла да се пишува. Со ова добивате повратен сигнал дека вашите книги и идеи не одат во празно, дека има одек", вели Миневски. Тој ни откри дека во моментот подготвува роман кој како што вели, бара многу повеќе истражување не само во нашите архиви и музеи, туку и надвор од Македонија.
"Темата опфаќа судбина на едно македонско семејство, поврзана со сите балкански премрежја од почетокот на минатиот век до денес"
Фото:Ѕ.Плавевски- Вечер