
Со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а во издание на Скопската православна епархија, излезе од печат книгата „Логострој“ од Дарио Божиновски.
Книгата претставува дел од созерцателната и духовна потрага по скриените значења на навидум обичните зборови и изрази во македонскиот јазик кои честопати ги изговараме, без да се задржиме на нивната длабочина. Низ призмата на православното богомислие и библиската семантика, авторот прави јадровити објасненија на 80 избрани зборови и фрази, откривајќи ја нивната затскриена и низ времето заборавена смисла. Напишана на питок и разбирлив јазик, оваа книга го поттикнува читателот кон зборољубие, а истовремено и кон препознавање на катадневниот животен тек како тивок одек на вечноста.
Извор; Скопска епархија