Г.г Стефан: Светителите не привлекуваат кон себе, туку кон Господа Спасителот!
Можеби помладите поколенија не знаат, но, за жал, поради општествено-политичките прилики, во втората половина на 20-от век, ние, речиси, и немавме домородно монаштво. А свети Гаврил оствари огромен придонес во обновата на ангело-подобниот живот. Тој, всушност, е и воскресителот на македонското монаштво! Имено, во времињата кога многу манастирски порти беа затворени, и многу манастирски кандила беа згаснати, кога нашите древни светилишта чекаа повторно да оживеат, тој вложи многу подвизи, труд и љубов за да се обноват и да засветат монашките огништа. И благодарение нему – Матка, Марковиот манастир, Ѓуриште, Лесново и други свети места повторно станаа молитвени домови и места на монашка аскеза и монашко славословие.

Инаку, интересно е што свети Гаврил по образование беше скулптор, за што сведочеа и сведочат повеќе негови дела поставени на разни места во Штип. Тој со неговите раце умееше да ја обликува материјата, а, пак, благодатта Божја постепено го обликуваше неговото срце. Благодарение на своето богословско образование и на својот монашки и светогорски подвиг, тој израсна во вистински богоугодник, во монах, свештенослужител, молитвеник и епископ чијашто вера беше жива и длабока, со постојано богољубие и човекољубие. Затоа Бог и го украси со светителски ореол!
Познато е дека кога човек ќе се сретне со богоугодник и светител, тогаш Христовите зборови престануваат да изгледаат недостижни. Гледајќи ги светителите, разбираме дека Божјата благодат може да го преобрази човечкото срце. Впрочем, затоа и Црквата ги прославува светителите: за преку нив да ја видиме силата на Божјата љубов. Па така, денес, додека го славиме свети Гаврил Велички, да се запрашаме: што значи светоста за нас? И да си одговориме дека таа не претставува повик само за избрани луѓе. Светоста почнува таму каде што човекот искрено Му ги отвора своето срце и душа на Бога. Почнува со покајание, со молитва, со милосрдие, со простување, со борба против сопствената гордост… Светителите не се родиле совршени, но биле и се такви, зашто дозволиле Божјата благодат да дејствува врз нив.
Затоа, пораката Христова: Вие сте светлината на светот, е упатена кон сите нас и кон сите луѓе и во сите времиња. Во ова наше време, пак, полно со поделби, и со сѐ поголема духовна глад и жед, светоста останува најсилното сведоштво на Црквата, таа е она преку кое другите можат да ја почувствуваат близината на Бога.
А свети Гаврил, светителот од нашиот род и од нашето време е навистина тоа. Тој и за време на својот живот беше показ за добрината и убавината на Евангелието, и тоа продолжува да биде и за сите нас, коишто молитвено му се обраќаме, просејќи го неговото застапништво.
По неговите молитви и сега Го молиме Бога да нè укрепи и нас на патот кон спасението, да ни дарува смирение и љубов, та нашите срца да станат место во кое ќе пребива Неговата незаодна светлина! Амин

(Беседа на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана г.г. Стефан, изговорена на Божествената Литургија отслужена во Лесновскиот манастир на 28 јуни 2026 година, на денот на споменот на светиот Гаврил Велички Светогорец.)
фб Манастир Св Илија Мирковци
28.05.2026


























